Актуелно

Паблик меѓу основачите на Мрежата за медиумска писменост

Унапредување на соработката меѓу различните чинители во македонското општество кои креираат и спроведуваат политики и реализираат активности и проекти во сферата на медиумската писменост.
Ова е главната цел на новоформираната Мрежа за медиумска писменост на Република Македонија, која денес ја промовираше Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а меѓу 34-те основачи се наоѓа и Асоцијацијата за истражувањe, комуникации и развој, „Паблик“.

Поддршка за формирањето на Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија изрази и амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар, кој рече дека медиумската писменост е особено важна за здрава демократија и за медиумските слободи и плурализмот.
„Медиумската писменост е испреплетена со развојот на критичкото размислување на граѓаните и нивната способност да бидат во тек со технолошките и промените во општеството“.

Обврските на сите чинители кои пристапиле во Мрежата се дефинирани во посебен Акт за формирање на Мрежата. Информациите за активностите и новостите ќе се објавуваат во квартални билтени кои ќе се дистрибуираат по електронска пошта, како и преку веб-страница посветена на медиумската писменост и преку социјалните мрежи. Мрежата ќе настојува да биде активна и на меѓународно ниво, а кога е возможно, новости ќе се објавуваат и во изданија на европски и меѓународни организации.

Мрежата има 34 основачи и тоа образовни установи, граѓански организации, медиуми и државни институции, меѓу кои и министерствата за образование и за труд и социјална политика. Отворена е и за нови членови, кои можат да ѝ пристапат со потпишување и депонирање пристапница.

 


27.04.2017