Актуелно

Претставување на резултатите од второто мерење на Индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија

Резултати од второто мерење на Индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија ќе бидат презентирани на конференцијата  "Индекс на клиентелизам во медиумите: Мерење на реалноста" што ќе се одржи утре (15. декември) во 10.00 часот во „ЕУ Инфо центар“  во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.  

По презентацијата, свои видувања на тема: Клиентелизмот во медиумите, ќе споделат и Мирче Адамчевски, претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, („Значењето на саморегулацијата во справувањето со клиентелизмот“), и Петрит Сарачини од Центарот за слобода „Цивил“, („Новинарот и клиентелизмот“). 

Индексот на клиентелизам во медиумите (МЦИ), врз основа на емпириски податоци, ги мери политичките влијанија врз медиумите, постоечката регулативна рамка, институционалната поставеност и клучните економетриски мерења на реалноста во која работат медиумите и новинарите од Југоисточна Европа. 

Методологијата за негова изработка се базира на научната работа на проф. д-р  Лавослав Чакловиќ од Математичкиот институт во Загреб. 

Резултатите од мерењето на Индексот за клиентелизам во медиумите (МЦИ - Медиа Цлиентелисм Индеx) ќе бидат презентирани, освен во Македонија, симултано и во останатите земји кои се покриени во ова истражување, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Романија.

Индексот ги опфаќа сите клучни прашања кои се однесуваат на насоките на Европската комисија за развој на слободата на медиумите, како и насоките на постоечките индекси кои ги мерат медиумските слободи ( како Фридом хаус, Репортери без граници итн).

МЦИ дава детален увид и во сите апекти од функцинирањето на медиумите/носителите на одлуки, како и на оние кои сакаат да учествуваат во јавните расправи за медиумските политики.

На утрешниот настан ќе биде отворена и изложба на постери „Artvertizing For Fairpress", продуцирана од Здружението „Иницијатива за независен културен активизам“, ИНКА. 

Работен јазик на конференцијата ќе биде македонскиот.

Случувањето е во рамки на проектот „Медиумски круг“, поддржан од Европската Унија.

 

14.12.2016